Стевче Стефановски заминува од Пелистер

Стевче Стефановски си поднесе оставка како координатор во РК Пелистер, а причините поради кои тој се повлекува од функцијата се приватни. Управата на клубот денес ја официјализираше оставката на Стефановски, кој застана на раководната позиција при крајот на минатата сезона, како дел од проектот за враќање на реномето на битолскиот клуб.

„Сакам да им се заблагодарам на луѓето од Општина Битола со кои имав добра соработка, но мислам дека професионалните обврски не ми даваат простор да се посветам на овој проект како што замислувам и затоа поднесувам оставка.

Кога пристигнав наидов на тешка ситуација, клубот беше во долгови, со само тројца младинци. Успеавме да вратиме 40.000 евра од долговите на старите управи, да го организираме клубот и да изградиме млада екипа. Денес клубот никому не должи, имаме перспективна екипа и верувам дека со продолжување на систематска работа, резултатите ќе дојдат во наредните сезони.

Организационо направивме многу работи важни за развојот на клубот. Ја реновиравме спортската сала, го отворивме прес-центарот и клупските простории и мислам дека Пелистер е на вистински пат во тој поглед. Преговарав со четворица ракометари да дојдат во Пелистер од следната сезона и верувам дека клубот ќе ги доведе. Исто така одпочнати се разговори за учество на клубот во СЕХА лигата со вајлд карта во една од следните сезони“

-истакна Стефановски за ТВ Тера по официјализирање на неговото заминување од Пелистер.