Старо-новиот репрезентативец во одлична форма: Арнаудовски најдобар во поразот на Ферлах

На изненадување на цела ракометна јавност, на поширокиот список на Лино Червар за настапите на македонската селекција во квалификациите за ЕП, се најде и едно подзаборавено име, Ристо Арнаудовски. Сепак, очигледно е дека Червар ги следел подолго време настапите на левиот бек со македонски и хрватски пасош. Арнаудовски, кој има големо интернационално искуство од Бундес лигата и австрискиот шампионат е еден од најдобрите ракометари на Ферлах.

Тој постигна 7 голови за неговиот тим на последниот меч и беше најдобар стрелец во поразот од составот на Фиверс Маргаретен. Ако се погледне статистиката и на претходните натпревари од оваа сезона, може да се забележи дека Арнаудовски, чии квалитети не се доволно познати во Македонија е еден од тројцата најдобри ракометари на Ферлах. На 4 од 9 натпревари досега Арнаудовски бил најефикасен, а постигнува просечно по 6 голови на натпревар. Можеби дискутабилно е како тој ќе се вклопи во националниот тим, со оглед на големата пауза, но сигурно македонската репрезентација ќе добие уште еден квалитетен бек шутер во своите редови.