Старите познаници во нова куп-приказна: Металург ќе го предизвика Вардар за Купот на Македонија

Во сабота посетителите на спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе можат да се потсетат на некогаш големото дерби меѓу Вардар и Металург. Некогаш борба за престиж, денес само нов атрактивен натпревар со познат победник. Откако Металург се намачи со Тинекс Пролет, второто полуфинале меѓу Вардар и Зомимак понуди сè освен неизвесност.
FLP_3076-2
Ракометарите на Зомимак се оддржуваа во игра до 13-та минута кога за последен пат резултатот беше изедначен на 8-8. Преку серија од 4-0 Вардар се оддалечи на 12-8. Со рутинирана игра Вардарци продолжија да го зголемуваат своето водство,а Филип Лазаров во последната минута од првиот дел со прецизен удар од пенал линијата ги постави највисоките 24-14.
FLP_3125-2
Вториот дел продолжи во исто темпо, овојпат тренерот на Зомимак им даде шанса на помладите ракометари. Разликата се зголемуваше, а во 41-та минута со својот трет гол Марковиќ ги постави првите дваесет голови предност 35-15. Највисоката предност екипата на Вардар ја имаше во 46-та минута кога со погодокот на Шишкарев создаде предност од 24 погодоци, 41-17.
Во формалната завршница, Вардарци ја одржаа високата предност за конечни 46-25.
Најпрецизен на натпреварот беше Шишкарев со 10 погодоци, додека за екипата на Зомимак Василев постигна четири голови.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ