Старите заминуваат, младите остануваат

Женскиот тим од Автокоманда следната сезона го очекуваат големи промени. ЖРК Металург од година во година се повеќе се помладува, а во следната сезона ќе биде вистински младински тим.
Трендот на напуштање на екипата, од страна на најдобрите поединки во редовите на македонскиот вицепрвак, говори дека ЖРК Металург нема амбиции за следната сезона. Неможноста да се спротивстави на екипата на ЖРК Вардар СЦБТ, слабите резултати во европските натпреварувања, регионалната лига и загубата на двојната круна го зголеми притисокот на ракометарките по прашањето дали да ја продолжат својата кариера во ЖРК Металург. Зорица Десподовска прва ја напушти Автокоманда и замина на печалба во Шведска, а во следната сезона Десподовска ќе игра во турски Муратпаша заедно со нејзината соиграчка од ЖРК Металург, централниот бек Душица Ѓорѓиевска. Во Турција заминува и пикерот Робертина Мечевска која потпиша за новиот турски суперлигаш Орду.
Искусната голманка Тања Андрејева која пред една година реши да се пензионира од националниот тим и шанса да им даде на помладите голманки, одлучи да стави точка на  нејзината ракометна кариера и оваа сезона за нејзе беше последна на клубско ниво. Веројатно е дека ќе има уште неколкуку трансфери од ЖРК Металург, со што младите ракометарки ќе си обезбедат простор за игра во овој тим. ЖРК Металург заврши на втората позиција во домашното првенство, а помладиот тим РК Металург Скопје се пласира на четвртото место во Супер лигата и обезбеди излез во Европа.