Станковски: Мораме да ги отстраниме слабостите во играта

Македонскиот првак Вардар, ја забележа втората победа во третиот меч од Лигата на шампионите, откако славеше на гостувањето кај рускиот првак Астраханочка. Иако Астраханочка сите ја ставаат во групата на аутсајдери, на Вардар му требаше доста концентрација за да ја осигура победата на гости. Оваа победа е чекор понапред до следната фаза, иако во таборот на Вардар увидоа и доста слабости што ќе треба да ги отстранат и подобрат.

„Остваривме победа потешка од очекуваното. Увидовме и некои наши послаби страни, во однос на оној натпревар со Лајпциг пред една недела. Во нареднот период треба да ги отстраниме тие слаби страни. Тоа се однесува за нападот, но исто така и за одбраната. Верувам дека наредните три меча до крај на групната фаза од Лигата на шампионките ќе бидеме подобри отколку сега. Имавме и повредни играчи што не тренираа оваа недела. Победата против Астраханочка дојде во вистинско време и заслужено ги освоивме бодовите. Сега сите мисли ги насочуваме кон следниот меч, повторно пред домашна публика со Астраханочка.“ – изјави Аце Станковски, тренерот во стручниот штаб на екипата на Вардар.

Сега Вардар има пет бода од три натпревари и е на првото место во Б групата, а во следното коло на 5 ноември во СЦ „Јане Сандански” Вардар ќе биде домаќин на денешниот противник.