Србија ѝ дава нова шанса на Црна Гора: Во Ниш ремизираше со Исланд!

Во рамките на четвртата група која води до Европското првенство во Полска, репрезентациите на Исланд и Србија во Ниш одиграа изедначен натпревар кој заврши со резултат 25-25.
Дваесет минути ракометарите на Исланд ја имаа контролата над играта и резултатот, водството кое не надминуваше три голови разлика се претвори во негатавa по 24 минути. Момир Илиќ ја донесе Србија во водство за прв пат на натпреварот за 10-9, а серијата која ја започна Чутура, по што следуваа погодоците на Абутовиќ и Илиќ ѝ обезбеди предност на домашната селекција на полувремето од 13-11.
Србите ја одржуваа предноста од три голови до 40-та минута. Со серија од 4-0, во 45-та минута Халгрмсон беше прецизен за ново водство на репрезентацијата на Исланд, прво во вториот дел. Србите не се предадоа, со цврста одбрана, брза транзиција и неколку грешки во противничкиот напад, успеаа да го превземат водството, но и да поведат со три голови во 53-та минута преку Илија Абутовиќ. Предноста од три погодоци ја одржуваа до 57-та минута. Кога веќе сите ги прогласија за победници, Исланѓаните ја искористија невнимателноста на противникот и за две минути го израмнија резултатот на 25-25. Последниот напад за победа им припадна на гостите, кои сепак од Ниш заминуваат со половина плен.
Најпрецизни во составот на Србија беа Момир Илиќ со шест и Давор Чутура со пет погодоци. Во редовите на Исланд, Сваварсон постигна пет, а Сигурмансон и Палмарсон по четири голови.
На табелата во квалификациската група четири Исланд и Србија се на првите две места со пет бодови, но Црна Гора која има четири по вечерашниот натпревар против Израел може да ја превземе лидерската позиција. Во следното коло на најнеизвесната група, Црна Гора ќе ја пречека Србија, додека во последното коло Исланд ќе биде домаќин на Црна Гора по што ќе се знаат двата патника на Европското првенство 2016.