Србија го прегази Тунис и обезбеди осминафинале

Ракометарките на Србија издвојуваа убедлива победа (43-21) против селекцијата на Тунис, во последното коло од групата А на Светското првенство во Данска.

Србинките фуриозно го почнаа натпреварот, па по 10 минути игра резултатот беше (7-2).  Следуваше период кога Тунижанките беа посигурни во нападот и намалија на три гола разлика (8-5) но тоа беше најмногу што можеа да направат на овој натпревар. Крпеж со својот шести погодок до тогаш ја зголеми предноста на Србија (11-7), па следуваат уште два погодоци на страната на Србија со играч помалку (13-8). Ракометарките на Србија само ја зголемуваа својата предност и на полувреме заминаа со позитива од тринаесет погодоци (23-10)

Вториот дел од натпреварот беше само рутина. Погодоците се нижеа на страната на Србија преку Крпеж, Радосавлјевиќ и Живковиќ па по десет минути игра беше( 31-14). Како што одминуваше времето Тунижанките се почесто беа со играч помалку , а ракометарките на Србија немилосрдно ја полнеа нивната мрежа. Во 45-тата минута, Јелена Живковиќ погодува од линијата за седум метри за резултат (33-15). Последните петнаесет минути од натпреварот ракометарките на Србија ги завршија во ист ритам, за конечни (43-21).

Најефикасни во составот на Србија беа Катарина Крпеж со единаесет  и Сања Радосавлјевиќ со пет погодоци.