Србинките спуштени на земја, Германија ги одржа шансите за полуфинале

Иако Србија се пласира без пораз во главната фаза, сепак избраничките на поранешната голманка на Кометал, Драгица Ѓуриќ, бргу беа вратени во реалноста, откако загубија од Германија со 26:19 во првиот натпревар од Групата 1 од главната фаза на ЕП во Шведска.

Германките поведоа со 3:0 на стартот на дуелот, а првиот гол за Србија беше дело на Крпеж во 6 минута. Избраничките на Биглер дадоа уште два гола за 5:1, по што Ѓуриќ беше принудена да повика тајм-аут. Ниту тоа не помогна многу, па Свења Хубер и Емили Болк со помош на голманката Волтеринг стигнаа до највисоки 11:4. До крајот на полувремето, Србинките заиграа поангажирано и успеаја да стигнат до пристојни 14:10.

На стартот на вториот дел ситуацијата многу не се промени. Со серија од пет голови, Германија стигна до убедливи 19:11 во 40 минута и тука веќе се беше јасно кој победува. До крајот повремени блесоци на дел од српските ракометаки, но немаа сили за комплетен пресврт и мечот заврши со 26:19 за Германија.

Најдобри во победничкиот состав беа Хубингер и Хубер со по 4 голови, а по 3 дадоа Наидзинавичиус, Ланг и Бемке, додека вреди да се истакне и учинокот на Клара Волтеринг со 11 одбрани. Во српската репрезентација се истакна Тамара Георгиев со 7 голови.