СП за кадети: Македонија ги одбра Данска, Бахреин, Јапонија…

Кадетската репрезентација на Македонија на Светското првенство на кое е домаќин во август ќе игра во група заедно со репрезентациите на Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и Нигерија. Ова е група за која селекторот Данило Брестовац сметаше дека ќе му донесе најдобра можност за да може да влезе во втората рунда со подобар резултат.

Данска е носител на групата и сигурно ќе влезе како фаворит, но еден таков противник мораше да има. За очекување беше дека Македонија ќе се најде во групата каде што ќе биде Бахреин бидејќи тоа  е противникот од вториот шешир кој беше со најслаб квалитет во споредба со Шпанија, Франција и Германија.

Кога на тоа ќе се додадат и селекциите на Јапонија, Аргентина и Нигерија сосема извесно е дека ова е добар избор и дека тука Македонија не би требала да има поголеми проблеми за да успее да се пласира во втората рунда каде што ќе има место за најдобрите три селекции. Со оглед на тоа што се вкрстува со групата Д беше важно да се има предвид и овој факт, па и тоа е добра група која дава надежи за висок пласман бидејќи Германија и Србија се ривали со кои кадетите имаат играно, а Тунис, Бразил и Португалија не се на нивото на овие два состави.

Веќе е познато дека Мундијалот ќе се одржи во Скопје од 6 до 18 август.

КАДЕТСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2019

ГРУПА А: Хрватска, Шпанија, Словенија, Норвешка, Чиле, Саудиска Арабија.

ГРУПА Б: Шведска, Франција, Унгарија, Египет, Тајван, Канада.

ГРУПА Ц: Данска, Бахреин, Македонија, Јапонија, Аргентина, Нигерија

ГРУПА Д: Исланд, Германија, Србија, Тунис, Бразил, Португалија.