Спектакл за крај: Бранко Ангеловски става „печат“ на богатата кариера

Долгодишниот репрезентативец на Македонија, а сегашен спортски директор на Добрoгеа Суд Констанца, Бранко Ангеловски, на свечен начин во Битола, официјално ќе ја заврши ракометната кариера. Спектаклот ќе се случува во спортската сала „Младост“ со почеток во 18:15 часот, па Битола по дуелот на ветераните на Пелистер и репрезентацијата на Македонија, ќе биде домаќин на уште еден натпревар за паметење.

На теренот ќе излезат тимовите на Ангеловски и пријателите против комбинираниот тим на Пелистер и Работник. Тука ќе бидат дел од актуелните репрезентативци, како и соиграчи на Ангеловски од Металург, Вардар, Пелстер, Загреб и Констанца, кои ќе излезат на мегдан на тимот предводен од Стевче Алушовски.

Ангеловски имаше богата кариера, што започна во битолски Пелистер, па продолжи во тогашна Вардар Ватростална три сезони, пред да се пресели во Тинекс Пролет, каде остана една сезона. Во два наврати играше за Загреб, како и за швајцарскиот Фади Винтертур. Во 2004 година се врати во матичниот клуб Пелистер, каде помина една сезона, а потоа играше две во Металург, под водство на Звонко Шундовски. Потоа замина во Франција, во Тулуз, катарскиот Ал Аин и Вардар, каде остана по една сезона.

Кариерата ја заврши во романската Констанца, каде остана цели 7 години и стана клупска икона. Во моментов ја извржува функцијата спортски директор на клубот, каде настапуваат двајцата македонски интернационалци Никола Митревски  и Велко Маркоски. За македонскиот национален тим играше на 159 натпревари, а постигна 392 голови. Најголем успех со репрезентацијата му е петтото место на Европското првенство во 2012 година кое се одржа во Србија.

„Ангеловски и пријателите“:

Младен Ракчевиќ
Велко Марковски
Николче Митревски
Гоце Георгиевски
Столе Стоилов
Филип Лазаров
Дејан Манасков
Борко Ристовски
Филип Миркуловски
Никола Митревски
Руди Станеску
Далибор Чутура
Ведран Зрниќ
Бранислав Ангеловски
Кирил Лазаров