Спасовски: Вардар Јуниор е млада и полетна екипа, но се знае кој е фаворит – Охрид

По настапите во Купот на ЕХФ и елиминацијата на холандскиот Воленда, ракометарите на Горан Андоновски се враќаат на домашна сцена. Охрид лани го направи најголемиот успех во клупската историја, откако заврши прв во регуларниот дел во Суперлигата, а сличен развој на настаните охриѓани посакуваат и оваа сезона. Пикерот Бојан Спасовски, кој е главниот бедем пред голот на Трајковски и Стојаноски, очекува победа за старт на сезоната.

„По европските натпревари имавме малку време за одмор, но сега сме максимално концентрирани на обврските што не чекаат во Суперлигата. Прв противник ни е тимот на Вардар Јуниор, екипа која претрпе доста измени во текот на летот. Станува збор за млади ракометари, кои ќе се борат за секоја топка и нема да ни биде лесно против нив. Ние сме професионалци и не смееме никого да потценуваме. Ќе ја играме нашата игра и ќе се обидеме да имаме победнички старт во новата сезона. И кај нас има млади ракометари, кои ја чекаат својата шанса. Што се однесува до амбициите, тие се минимум повторување на ланскиот успех, односно пласман во плеј-офот, а за после тоа ќе видиме кога ќе дојде време.“ – вели Спасовски.

Дуелот меѓу Вардар Јуниор и Охрид се игра со почеток во 19:30 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.