Сосема различен ракомет…

Иако го носи името ракомет во својот опис, ракометот на плажа е сосема поинаков спорт. По атрактивност припаѓа на летните спортови, по правилата е фузија од спортовите на песок и ракометот, а според традицијата е се уште „млад“ спорт со девет годишна традиција во организирање на европски првенства. Потекнува од Скандинавија, а се проширил насекаде во Европа. Овој спорт ја стекна популарноста благодарение на атрактивноста, а домаќинот на следните Летни Олимписки Игри, Бразил го вброи меѓу спортовите кои можеби ќе бидат дел од најголемиот светски спортски настан. ИХФ заедно со сите ракометни ентузијасти и покровители започна кампања, ракометот на плажа да влезе во официјалната програма на Олимписките игри 2024 година како полноправен спорт.
Се игра на песочен терен со димензии 27х18, поделен на три дела. Со полна линија (исцртана со посебен спреј, формирана од цилиндри од пена или ленти) е одвоен просторот пред противничките голови, а површината на голманскиот простор е во форма на правоаголник со должина од 6 метри (слично како и во ракометот) и ширина 12 метри. Полето за игра исто така е со правоаголна форма со димензии 15х12. Од двете страни на теренот се наоѓаат полињата за измена со димензии 15х3.
За првиот напад се борат по четири ракометари на двете стани, оние кои се во одбрана играат со три играчи и голман, додека напаѓачката екипа игра со четири ракометари без голман. Четвртиот играч во нападот наречен „либеро“ се менува со голманот при секој напад. Голманот кога нема посед на топка излегува од теренот во полето за измени, а од таму влегува либерото.
Интересен е начинот на бодување. Секоја атрактивен потег, како постигнат гол со пируета, цепелин или било кој гол постигнат од либерото и голман се бодува со два поени. Натпреварот се игра во две полувремиња од 10 минути со пауза од пет минути. Бодувањето на секое полувреме се врши одделно, односно се бројат поените во едно полувреме, а тимот кој има повеќе постигнати поени го освојува полувремето. Натпреварот завршува кога екипата ќе освои две полувремиња, а доколку по 20 минути игра резултатот е 1-1, односно ако двете екипи освоиле по едно полувреме, натпреварот го решава т.н. пенал-шутирање (shoot-out). Пенал-шутирање се изведува така што секој играч изведува акција против еден голман, но без одбрана на противникот. Од линијата на шест метри ракометарот кој го изведува ударот ја додава топката до својот голман кој потоа му ја додава назад, во временска рамка до три секунди ракометарот мора да изведе удар, а доколку топката при било кое додавање падне на песок пенал-шутот се смета за неуспешен.
Како и во ракометот се санкционираат груби стартови и контакти во голманскиот простор, истиот принцип важи за пеналите(кои доколку се изведат успешно се бројат како два поени), а наместо две минути, казна за груб старт е исклучување во траење од еден напад.
Пеналите се изведуваат од линијата која означува шест метри.Натпреварот започнува со судиско потфрлање на средина на теренот, а заедно со замените една екипа не смее да има повеќе од десет ракометари. Сите замени треба да бидат клекнати на песокот, покрај аут-линијата.
Повеќе информации за ракометот на плажа можете да прочитате тука или да го погледнете видеото:

Beach Handball

Posted by IHF on Monday, June 22, 2015