Соработката почнува: Eурофарм Работник ќе му позајми играчи на Пелистер

Екипите на Еурофарм Работник и на Пелистер уште не се договорија за фузија, но се чини дека соработката ќе стартува пред самиот старт на сезоната односно ќе дојде до позајмица на неколку ракометари од едниот во другиот клуб.

Пелистер својот прв натпревар од Супер машката лига ќе го одигра во вторник против Бутел Скопје на домашен терен, а за оваа средба ќе има и дел од играчите кои немаат место во тимот на Еурофарм Работник. Подобро е да играат отколку постојано да ја грејат клупата.

Во новата сезона за Пелистер би требало да играат Стефан Талески, Дарио Петровски, Филип Иваноски, Андрија Мандиќ, Димитрија Блажески… Тоа се ракометари кои сигурно одлично би дошле во составот на Пелистер и би донеле можност да се формира добар тим.

Секако тука се и дел од ракометарите кои и лани играа, а останаа во екипата како Дрогришки, Димитровски… Сепак, најдобро ќе се види кои играчи ќе го носат дресот на Пелистер во вторник кога во Битола доаѓа Бутел Скопје на мечот од 1. коло. Тренерот Александар Зарков ќе има тешка задача што побрзо да го формир атимот, да го воигра, но и да се подготви за настапот во Купот на ЕХФ.