Случај обложување: Никола и Лука Карабатиќ ја повлекоа жалбата и ја признаа вината

После повеќе од четири години правна битка браќата Никола и Лука Карабатиќ се откажаа од случајот и признаа дека се виновни за местење на натпревари.

Нивниот адвокат Марк Дариго изјави пред медиумите во Фрнација дека неговите клиенти се откажаа од жалбата на одлуката на судот во Монпеље кој во февруари ги осуди на два месеци условна казна и парична казна од 10.000 евра. Причината беше во местењето на конечниот епилог на дуелот Монпеље-Сесон во 2012 година.

„Сега е готово. Моите клиенти се откажаа и одлуката е правосилна“, изјави адвокатот.

Како што е веќе познато причината за целиот случај беше во тоа што некој уплатил 100.000 евра на квота од 2,9 за победа на Сесон против Монпеље и тоа веќе на следниот дуел откако Монпеље ја обезбеди титулата. Тогаш браќата Карабатиќ играа за шампионот на Франција, а Никола негираше дека учествувал во измамата и изјавуваше дека неговата партнерка се обложувала без негово знаење од неговиот лап-топ.  За разлика од него Лука призна дека се обложувал со својата девојка и изјави дека тоа била глупост на млад играч.

Сепак, со признавањето на вината целиот случај се затвора.