Словенија немаше сили за пресврт против Шведска

Во последниот натпревар од вториот ден на Европското Првенство за мажи во Полска, репрезентацијата на Шведска триумфираше над Словенија  (23-21).

Репрезентацијата на Словенија покажа две лица. Во првото полувреме имаше негатива од седум погодоци, а во второто со неверојатен пресврт дојде до изедначување на резултатот, но немаше доволно сили да направи нешто повеќе.

Натпреварот го отворија ракометарите на Шведска со погодок во третата минута од натпреварот. Следуваше краток период на изедначена игра, по кој Швеѓаните ја презедоа иницијативата и со серија од 3-0 стигнаа до солидно водство (7-4) на средината на полувремето. Кризниот период на Словенците продолжи, а Шведските ракометари го искористија тоа торпедирајќи ја  мрежата на Горазд Скоф за највисоки (16-9) резултат со кој заврши првото полувреме.

Вториот дел започна со погодок на Драган Гајиќ (16-10), но Швеѓаните брзо возвратија со два погодоци за највисоки осум разлика (18-10).  Словенците успеаа да ги консолидираат своите редови и со серија од 4-0 да ја намалат негативата (18-14) . Следуваше гол на Јохан Јакобсон за (19-14) но Словенците повторно направија извонредна серија од четири погодоци  и дојдоа до само еден гол негатива (19-18).  На десет минути пред крајот на мечот Словенците успеаја да дојдат до изедначување (20-20) но немаа доволно сили да успеат да триумфираат . Натпреварот заврши во полза на Шведска (23-21).

Најефикасен во репрезентацијата на Шведска беше Никлас Егберг со четири погодоци, а во составот на Словенија  Матеј Габер постигна пет, а Драган Гајиќ четири погодоци .

ФОТО:ZPRP/EHF