Словенец ќе ја креира играта во Еурофарм Работник

Екипата на Еурофарм Работник продолжува со засилување на тимот, а покрај играчи од домашна сцена кои се веќе најавени во клубот доаѓа и ракометар од Словенија. Се работи за 28 годишниот среден бек, Анже Ратајец кој во Еурофарм Работник ќе пристигне од тимот на Ферлах.

Според информациите, Ратајец имал разговори со тренерот на клубот и е задоволен од проектот кој го имаат зацртано за во иднина.

„После разговорот со тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски сфатив дека имаат голема желба да ме видат во екипата. Македонија е земја на ракометот, а Еурофарм Работник подготвува силен проект. Тука е и СЕХА лигата која е на дофат, но и можноста да се игра и во групната фаза од Лигата на шампионите или Купот на ЕХФ. Секој ракометар сака да се докаже во најсилното натпреварување, а со тимот на Еурофарм Работник ќе можам да го направам тоа“, коментира Ратајец.

Се работи за ракометар кој има настапи и во Лигата на шампионите и тоа во сезоната 2016/2017 кога го носеше дресот на Горење. Оттаму тимот на Еурофарм Работник ќе добие играч со кој ќе биде засилена бековската линија и кој ќе ја креира играта на битолчани. Воедно ќе добие на искуство во играта во напад.