СКУБЕ ОТКРИ: САМСОНЕНКО НИ ГИ ИСПЛАТИ ДОЛГОВИТЕ ПРЕД КЕЛН!

Иако имаше дилеми во јавноста околу опстанокот на Вардар, сега веќе не треба да ги има. Словенечкиот интернационалец Сташ Скубе се „отвори“ за словенечките медиуми и откри дека Сергеј Самсоненко им ги исплатил долговите пред настапот на завршниот турнир во Келн.

„Сергеј Самсоненко ни исплати најголем дел од долговите пред Ф4 во Келн, ни вети и убава премија. Последните информации се дека во клубот останува Сергеј, дека многу играчи остануваат. Црното сценарио кое сите го очекувавме нема да се случи. Има пресврт. Тој ги среди долговите и сега е се како што треба за да продолжиме и идната сезона. Нормално, нема да бидеме истиот тим, но ова не е крајот на вардаровата бајка“, вели Скубе.

Тој откри дека клучно за пресвртот во ситуацијата бил пласманот на завршниот турнир во Келн.

„По мечот во ПИК Сегед, кога обезбедивме Ф4, тоа беше пресвртницата во која Сергеј се сложи да остане. Тој дојде кај нас и ни рече дека останува. Останувам во Вардар и во идната сезона, а ако дојде Урош Зорман за тренер ќе биде уште подобро. Искрено во април, кога ни кажаа дека проектот се распаѓа, сите баравме нови средини и заминувањето во Келце беше можност, имаше разговори и на крајот решив да не одам во Полска. Дефинитивно ќе играм уште една сезона во Вардар, а што ќе биде потоа ќе видиме“, заврши Словенецот.