Скромен викенд за македонските интернационалци

Дел од македонските ракометари и ракометарки што настапуваат во странство ги одиграа своите натпревари минатиот викенд. Во продолжение преглед на настапите на сите интернационалци.

АВСТРИЈА:

Кремс на Влатко Митков во 5 коло на гостински терен славеше над Линц со 27:29, а десниот бек постигна 2 гола од 3 обиди.

Моника Стефаноска постигна 5 голови за нејзиниот МГА Фиверс кој победи на готувањето кај Ст. Полтен со 35:24.

ФРАНЦИЈА:

Ница предводена од тренерот Марјан Колев стигна до победа на домашен терен над Сир Бел Сир со 32:29 и ја продолжи добрата серија.

Тимот на Белфор, каде играат Дарко Георгиевски и Александар Ангеловски загуби на гостувањето кај Епинал со 28:25, во меч од 5 коло на француската Трета лига. Ангеловски даде 1, а Георгиевски 3 гола.

УНГАРИЈА:

Балатонфуреди каде игра Михаил Петровски ремизираше дома со Комлои 27:27, а десниот бек остана без гол, додека Орошази на Никола Маркоски, кој даде 1 гол загуби на гости кај ПИК Сегед со 36:22.

Алба Фехервар славеше убедлива победа над Ваци со 31:25 во 3 коло од унгарскиот шампионат, а Елена Георгиевска беше една од главните на теренот со 5 голови.

Moшонмаѓаровар на Моника Јанеска, која не постигна гол, славеше над Кишварда со 21:20.

ЛУКСЕМБУРГ:

Каерјенг славеше над Шифланж со 32:19 на гостински терен во 4 коло од Лигата на Луксембург, а на овој меч Владимир Темелков беше стрелец на 1 гол.

РОМАНИЈА:

Доброгеа Суд Констанца го победи составот на Дунареа Калараши со 25:22, а Бранко Ангеловски беше стрелец на 2 гола, во меч од 6 коло на романскиот шампионат.

Одорхеи одигра реми 31:31, со тимот на Турда, а Горан Кузмановски пооди 2 пати, Гоце Ојлески даде 1, додека Милорад Кукоски стандардно играше во одбраната.

ЧСМ Букурешт на Звонко Шундовски и Гоце Георгиевски забележа убедлива победа над Сату Маре со 32:25, а десното крило беше најдобро на теренот со 6 голови.

Темишвар на Филип Лазаров и Златко Даскаловски ремизираше дома со тимот на Стеауа, а Лазаров псотигна 2 гола на овој меч.

СЛОВЕНИЈА:

Крим стигна до убедлива победа над градскиот ривал Љубљана со 39:24 во 3 коло од словенечкиот шампионат, а Мирјета Бајрамовска погоди 2 пати.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ:

Бешикташ загуби убедливо од Нант со 33:19 во 2 коло од ЛШ, а Немања Прибак постигна 2 гола од 7 обиди.
ПИК Сегед го изненади Загреб и победи со 26:24, а Велко Маркоски не постигна гол, иако имаше 1 обид.
Барселона го победи Кил со 25:24, а Кире Лазаров беше стрелец на 2 гола, додека Рајн Некар славеше над Целје, но Дејан Манасков остана без гол.

ГЕРМАНИЈА:

Бергишер на Ацо Јоновски ја продолжи победничката серија во Бундес лигата, и славеше на домашен терен над Минден со 27:25, а Јоновски заработи жолт картон.

Ивана Саздовски и Бенсхајм по малку и изненадувачки загубија на гостувањето кај Некарслмер со 28:23 и се елиминирани од Купот на Германија во второто коло.

БЕЛГИЈА:

Спортинг Нело на Влатко Тасевски ја продолжи побендичката серија и го победи тимот на Ејнатен, каде игра Благојче Крстев со 38:29 во рамките на 5 коло. Двајцата Македонци беа во центарот на вниманието на овој меч, бидејќи постигнаа по 10 голови за нивните тимови.

ДАНСКА:

Хорсенс на Викторија Мурговска загуби убедиво на гостувањето кај Роскилде со 33:20, во меч од 3 коло на Првата данска лига, а македонската интернационалка беше стрелец  на 2 гола.

БЕНЕ ЛИГА:

Тимот на Мерксем, каде игра Лазар Попов одигра два меча во БЕНЕ регионалната лига. Во првиот загуби од Тонгерен со 34:26, а Попов беше стрелец на 3 голови, додека во победата над Квинтус со 31:23, Македонецот погоди еднаш.

ПОЛСКА:

Пјотрковија на Зорица Десподовска загуби уште еден меч, овојпат на гости кај Кочиержина со минимални 24:23 и се уште е без победа. Македонската репрезентативка на овој меч не постигна гол.

ПОРТУГАЛИЈА:

Бенфика на Никола Митревски минимално на домашен терен го победи составот на Хорта со 30:29, во меч од 6 коло на португалскиот шампионат.

ТУРЦИЈА:

Јозгат Бозокспор славеше над турскиот вицепрвак Анкараспор со 29:24, а македонскиот интернациионалец Јован Талевски даде 3 голови на овој меч.

НОРВЕШКА:

Молде конечно забележа победа, славеше над Викинг со 39:36, а Ивана Гакидова постигна 1 гол на овој меч и заработи исклучување од 2 минути.

ШВЕДСКА:

Хелсинборг на Јане Цветковски ја забележа и третата победа во низа, откако победи дома против Линкопинг со 23:22, а македонскиот голман бранеше цел меч и имаше 14 одбрани, од кои 1 пенал.