Скандал во Словачка: Играчите од Татран Прешов добија забрана да играат за репрезентацијата!

Репрезентацијата на Словачка во претстојните квалификациски дуели против Италија ќе мора да игра со 15 ракометари. Ракометарите од Татран Прешов нема да играат на овој двомеч по скандалот во финалето од купот на Словачка. Националната селекција остана без клучните ракометари со составот. Мартин Страновски, Лукаш Урбан, Оливер Рабек, Доминик Крок и Томас Речичар нема да играат зарди конфликтот помеѓу сопственикот на Татран, Мирослав Хмељар и Словачката ракометна федерација.

Скандалот ескалираше по контроверзното финале во купот кога Бистрица го освои трофејот по грешка на официјалните лица и судиите на натпреварот. Приговорот кој го поднесе Татран беше одбиен од федерацијата. Потоа Хмељар постави услови според кои играчите доколку настапат за репрезентацијата ќе останат без плата од Татран и здравствено осигурување. Затоа петте играчи повикани од селекторот одбија да се појават на собирот на репрезентацијата.

Исто така сопственикот на словачкиот шампион ја извести федерацијата дека арената на Татран нема да ја отстапува за користење за настаните организирани од националната федерација.