„Сино-белите“ со полн плен од „Јане Сандански“: Вардар СЦЈС немоќен пред Металург

Во спортскиот центар „Јане Сандански“ се одигра дуелот за врвот на табелата во женската Суперлига. Вардар СЦЈС го пречека составот на прворангираниот Металург. По втор пат оваа сезона Металург беше поуспешен од составот на Вардар, овојпат со убедливи 20-25 и ја обезбеди првата позиција во регуларниот дел од македонското првенство.

zrkvarmet-3

Одличен почеток имаа избраничките на Јулијана Дамчевска. Симона Стојковска го отвори резултатот, а веќе во следниот напад Николиќ зголеми на два разлика. Сепак домаќините не дозволија Металург предвреме да прослави победа и со три голови во низа до 7-та минута го превземаа водството (3-2). Одличната голманка Серафимовска беше моторот на „сино-белите“ и затоа Металург по изедначениот период, повторно ја врати предноста од два гола (6-8 Николиќ од пенал, 20’). Николиќ ги постави и првите три голови разлика на овој дуел (7-10), а во 29та минута Гајиќ го постигна својот прв гол на овој натпревар за највисоката предност на Металург во првиот дел од 8-12. По неколку непрецизни обиди Керамичиева со звукот на сирената ги постави конечните 9-12.

zrkvarmet-4

Во вториот дел продолжи добрата игра на тимот од Автокоманда. Прленда го отвори резултатот и ја намали разликата од полувреме, но следуваше период на грешки по кој Металург ја достигна разликата од високи пет голови предност (10-15, 37’). Во средината на вториот дел разликата постепено се зголемуваше, а младата Гајиќ беше ракометарката која со своите голови го одбележа зголемувањето на високата предноста за Металург. Најпрво во 40-та минута Гајиќ го постигна четвртиот гол за 11-17, а пет минути подоцна од пенал зголеми на 13-20. Со истата разлика двете екипи влегоа во последните пет минути од натпреварот, а до звукот на сирената Вардарки преку Митова и Трпковска го намалија високото водство на противникот и го поставија конечниот резултат 20-25.

ЖРК ВАРДАР 20-25 СЦЈС ЖРК МЕТАЛУРГ (9-12)

ЖРК ВАРДАР: Петковска, Белмезова – Прленда 3, Стојановска 1, Трпковска 4, Георгиевска, Николовска, Митова 4, Бојаџиска 2, Тодоровска, Нолевска 3, Станикевска, Керамичиева 3, Мишевска, Божиновска, Гичевска

ЖРК МЕТАЛУРГ: Серафимовска – Каранфиловска, Гугујанова, Дабевска, Владева, Григоријадис, Аресниевска, Николиќ 7, Стојковска 5, Цаневска, Граматова, Саздовска 4, Гајиќ 6, Величковска 3, Петковска

До крајот на регуларниот дел преостануваат уште пет кола, но единствен клуб кој би можел да ги помати сметките на лидерот во македонскиот шампионат е составот на ЖРК Куманово. Вардар СЦЈС ќе се обиде во втората полусезона да ја врати својата игра и победничкиот дух пред клучните дуели за конечен пласман во женската Суперлига.