Симоноски: Ладна глава, борба и стоп за Печенковски – тоа е рецептот за победа над Бутел

Екипите коишто сезонава ќе бидат во битка за пласман во Супер лигата веќе земаат залет во Првата лига, а според она што беше прикажано во првите две кола тимовите од Скопје, Металург јуниор и Бутел ќе бидат во голема битка за врвот на табелата. Пикерот Дарио Симоновски, кој има суперлигашко искуство со составот на Работнички, вели дека Металург Јуниор е подготвен за борба и очекува интересен натпревар.

„Со оглед на тоа што Металург Јуниор е нов тим составен од играчи кои имаат искуство во Прва и во Суперлигата, како и повратници во ракометот, можам да кажам дека сум задоволен од моите соиграчи од прикажаното во првите натпревари. Одигравме навистина два добри натпревари и од ден на ден ја подигнуваме нашата форма. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар. Засега имаме 2 од 2 и се надевам дека со добра игра, ладни глави и борбеност можеме да ја продолжиме нашата серија. Фаворитската улога е на страната на Бутел, тие се одличен тим составен од голем број на играчи кои имаат суперлигашко искуство, притисокот е на нивна страна, ние немаме што да загубиме од тој натпревар, можеме само да добиеме. Добро го анализиравме нивниот тим, и напад и одбрана, и знаеме дека најголемата опасност доаѓа од Горан Печенковски, играч со искуство и во европските купови. Очекувам добар натпревар, фер и коректен, па нека победи подобриот.“ – изјави Симоноски.

Дуелот меѓу Металург Јуниор и Бутел се игра со почеток во 13 часот во салата „Расадник“.