Симовски: Словенија е фаворит на хартија, но вчера видовме како паѓаат и фаворитите

Во сенка на Ф4 турнирот во Келн каде што Вардар уште еднаш покажа фанстастична игра остана дуелот меѓу Македонија и Словенија, кој се игра вечерва од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Ова е првиот меч од баражот меѓу Македонија и Словенија и натпревар на кој ќе се бара добар резултат за вториот натпревар на 6 јуни.

„Одработивме добро периодов и сме подготвени за овој дуел. Ако одиграме како што работевме во минатите денови тогаш имаме шанса и за убав резултат. Словенија е квалитетна репрезентација со искуство зад себе од настап на големите натпреварувања. Фаворит е на хартија против нас, но синоќа видовме како паѓаат фаворитите во Келн“, коментира Симовски за 24 Ракомет.

Тој вели дека девојките се сега уште подобро мотивирани после она што го видов вчера од Вардар против Барселона.

„Го гледевме сите заедно полуфиналето меѓу Вардар и Барселона. Беше навистина убав момент, навивме заедно и се дружевме. Вардар дури и ни помогна во мотивирањето за денешната средба така што и атмосферата е уште подобра“, вели Симовски.

И претходно можеше да се види дека девојките се во одлична подготвеност и мотивирани за дуелот против Словенија. После првиот меч на Вардар во Келн нивото е кренато за неколку скалички, а може само да се замисли како ќе биде доколку Вардар победи против Веспрем.