Симовски: Се надевам дека ќе ја искачиме репрезентацијата едно ниво погоре

Женската репрезентација ги стартуваше подготовките за квалификацискиот турнир за пласман во баражот за СП. Во „неделата на ЕХФ“, македонските ракометарки ќе тренираат во Скопје и ќе одиграат два пријателски натпревари со репрезентација на Црна Гора. Селекторот Симовски главно смета на досегашните репрезентативки, на кои им се придружија и шест младинки. На квалификацискиот турнир, кој ќе се игра на Фарски Острови, за пласман во баражот Македонија ќе се бори со домаќинот, со Австрија и со Исланд. Двете првопласирани селекции ќе обезбедат пласман понатаму.

„Во нашата квалификациска група се Австрија, Исланд и Фарски Острови. По ждрепката кажав дека Исланд и Австрија имаат поголем рејтинг од нашиот. Австрија има квалититен клупски ракомет и традиција. Имаат неколку натурализирани ракометарки и тие се колектив што не треба да се потценува и треба да се стави акцент на тој натпревар. Со Исланд игравме два меча во претходни квалификации и од тие два порази треба да се извлече поука. Сепак, ова е група што ни дава надеж за нешто повеќе. Девојките се позрели, од федерацијата ни ги обезбедуваат сите услови, па чекор по чекор се надевам дека ќе ја искачиме репрезентацијата на повисоко ниво.“ – вели Симовски за 24ракомет.

Македонија долго време немаше квалитетни проверки пред квалификациски средби. Но, тоа е минато, па сениорките ќе си ги одмерат силите со квалитетната репрезентација на Црна Гора.

„Имаме добра соработка со Црна Гора. Имаме некоја идеја да имаме балкански собири во текот на „неделата на ЕХФ“ и тоа да го искористиме за соработка со сите федерации. Има силни балкански репрезентации, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Србија, Романија и Унгарија, но иако тешко одат контактите, сепак се надевам дека во иднина ќе имаме квалитетни проверки.“ – истакна селекторот Симовски.

Селекторот на сениорската селекција повика уште шест младинки, кои ќе играат на пријателските мечеви.

„Младите ракометарки ќе играат пред сè на дуелот со младинската селекција на Црна Гора. Списокот се уште не е комплетиран и за следниот собир, на кој ќе имаме повеќе време, планирам да повикам уште некои ракометарки, кои се надевам дека ќе го дадат максимумот.“ – заврши селекторот.