Симовски после Србија: Ни требаат многу вакви натпревари во годината

Женската сениорска репрезентација на Македонија претрпе пораз на мечот против Србија со 27:33, а добри 40 минути девојките успеваа и да се надигруваат, па и да бидат во предност.

Сепак, во завршницата Македонија не успеа да остане на нивото и претрпе нов пораз во овие квалификации.

„Уште пред одигрувањето на средбите со Шведска и Србија кажавме дека тие се фаворити во нашата група. Пред мечот кажавме дека се работи само за имиња и презимиња. Меѓутоа дел го сфатија овој натпревар така и одигравме добро 30-40 минути. Резултатот ги носеше во позитива. Потребни ни се повеќе вакви натпревари во годината и повеќе собири за да можеме да ја темпираме формата на 60 минути за да се радуваме и против селекции како Србија и Шведска“, изјави после средбата селекторот Симе Симовски.

Како клучен момент се издвојува влегувањето на голманката Томашевиќ која донесе разлика на теренот.

„Томашевиќ е голман од светски калибар. Покрај тоа и ние во второто полувреме немавме добра реализација. Минус за нас беше и тоа што Јована Саздовска не можеше да продолжи после повредата така што тоа се одрази на нашата игра“, заврши Симовски.