Симовски повика уште една ракометарка за дуелите против Италија

Репрезентацијата на Македонија денеска стартуваше со тренинзите во рамки на подготовките за ЕХФ-неделата, а на првиот собир се појави една нова ракометарка која дополнително доби повик од селекторот Симе Симовски.

Поради намалениот број на бекови поради повредите на Елена Ливриниќ и Теодора Керамичиева на тренинзите се најде Мери Арсениевска од Металург. Taa ќе добие шанса на контролните средби против Италија кои се играат на 28 и 29 септември од 16 часот во салата во Автокоманда.

Симовски е задоволен од играта и формата која Арсениевска ја демонстрираше на стартот од сезоната во домашното првенство и затоа доби шанса да покаже колку може и во репрезентацијата. Таа ќе се бори за место со уште неколку ракометарки кои се веќе со стаж во сениорскиот состав, но има што да покаже. Се враќа после повреда на левото колено, но ќе биде од помош и во нападот и во одбраната.

Во составот на Македонија се наоѓаат: Серафимова, Петковска, Ристовска, Гајиќ, Саздовска, Тасевска, Гакидова, Николиќ, Елена Георгиевска, Душица Георгиевска, Јанеска, Штериова, Гичевска, Јовановска, Боризовска и Арсениевска.