Симовски поведе 17 ракометарки за дуелот со Шведска

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Симе Симовски одлучи да поведе 17 ракометарки за Шведска каде утревечер ќе биде одигран меч од 1. коло од квалификациите за Европското првенство во Франција во 2018 година.

Македонија во своите редови има ракометарки кои во последните неколку години успеаја да го кренат нивото и покажаа дека женскиот ракомет може одново да се врати во потребниот ритам. На тренинзите во Скопје после средбите одиграни во Турција беше видена голема ангажираност од сите девојки коишто покажуваат дека се подготвени за настап во квалификациите.

Иако сите се свесни дека ова нема да биде воопшто лесен дуел бидејќи Швеѓанките се големи фаворитки. Сепак, тоа може да биде и мотив плус и мало олеснување за репрезентативките на Македонија бидејќи никој не наметнува притисок дека мора да се победи по секоја цена.

Со оглед на тоа што Мирјета Бајрамоска не можеше да биде дел од оваа акција бидејќи е повредена, Симовски се одлучи за Шведска да ги поведе голманките: Наташа Антиќ, Матеја Серафимова и Драгана Петковска. Пивоти ќе бидат Ивана Гакидова и Марија Николиќ, додека на крилните позиции шанса добија Јована Саздовска, Сара Ристовска и Наташа Нолевска. Кај бековите вообичаено бројката е најголема, а таму место за Шведска обезбедија: Теодора Керамичиева, Дајана Јовановска, Елена Ливриниќ, Душица Георгиевска, Елена Георгиевска, Маја Трпковска, Зорица Десподовска, Александра Боризовска и Андреа Белеска.

Средбата се игра утре од 18:30 часот.