Симе Симовски, селектор на женската младинска репрезентација: Секогаш одам на победа!

Македонската младинска репрезентација со две победи во низа, против Исланд и Холандија го трасираше патот кон Шпанија. Младите македонски ракометарки предводени од селекторот Симе Симовски за прв пат обезбедија пласман на едно големо натпреварување преку квалификациски циклус. Пред шест месеци Холандија го освои шестото место на Светското првенство во Македонија, денес со солзи на очите младите холандски ракометарки по вториот пораз се збогуваа со настап на континеталниот собир ова лето.
Еден од најзаслужните за огромниот успех на младинките е селекторот Симе Симовски. По обезбедениот пласман на Европското првенство 2015, селекторот се заблагодари за поддршка и уделот на сите кои на било каков начин учествуваа во историскиот момент за македонскиот ракомет.

Голема благодарност до публиката која нè поддржа изминативе денови. Голема благодарност до ракометарките кои ги послушаа и исполнија сите совети на стручниот штаб.
Натпреварот со Исланд го одигравме мошне слабо, но победа е победа. За натпреварот против Холандија се подготвуваме повеќе од еден месец. Играта во овие категории се сведува на два или три шаблони кои се разработуваат понатаму, на натпреварот против Холандија успеавме да им дадеме соодветен одговор на нивните шаблони.
Репрезентацијата на Холандија не успеа да ја одигра својата игра преку пивот, а тие се репрезентација која нема некој изразит бек-шутер. Ние одлично го затворивме пивотот кој е прилично подготвен и создава одлични блокови. Холандија е една од најдобрите технички потковани репрезентации, но нашата одбрана најде одговор за брзиот пренос на топката што беше клучно за победа.
Девојките работат во клубови каде има добри експерти, каде што се инвестира во нив. Во животот не треба да бидеме песимисти и да гледаме генерално за еден или два натпревари. Покрај сите технички недостатоци, девојките се надминаа себеси на овие натпревари.
Со Црна Гора ќе одиграме еден ревијален натпревар, натпревар за престиж. Познавајќи се себеси секогаш одам на победа.

-истакна селекторот Симовски пред последниот квалификациски натпревар против Црна Гора, кој ќе биде без резултатско значење.
Натпреварот со Црна Гора ќе се одигра денес со почеток од 18:30 во СРЦ „Кале“ во Скопје.