Се стабилизира кризата во Подравка

Женскиот клуб Подравка од Копривница се чини дека ја преброди финансиската криза и застана на свои нозе. Клубот пред неколку недели ја задржа една од најдобрите поединки во своите редови,  искусната црногорка Мирјана Миленковиќ која беше една од најзаслужните за солидните резултати на хрватскиот поранешен шампион. Сите очекуваа дека Подравка ќе ја зафати  финансиска криза и ќе биде пред распаѓање, но управата најде начин за понатамошно функционирање. Иако ракометарките на Подравка ја загубија двојната круна во Хрватска оваа сезона, сепак позитивна вест за сите фанови е враќањето на миленикот на навивачите на Подравка и капитенот на хрватската репрезентација, Миринда Татари, која го носеше дресот на руската амбициозна екипа Астраханочка. Миринда Татари токму од Подравка направи трансфер во Астраханочка, но руската екипа не направи сензација и беше далеку од освојување на рускиот шампионат во конкуренција со големите Динамо Волгоград, Лада Толјати и Звезда Звенигород. Клубот ги задржа и двете ракометарки од соседна Србија, Јелена Живковиќ и Јелена Трифуновиќ. Покрај задржувањето на главниот ростер,  екипата се засили на пикерската позиција со Драгица Џоно од француски Нант која ќе биде замена за заминатата Весна Милановиќ Литре (Ѓер). Во  екипата ќе се приклучи и  Ана Никшиќ која настапуваше во Унгарија за екипата на Вац. Се очекува да се приклучат и неколку млади талентирани ракометарки од младински категории. Сите овие искусни ракометарки треба да и дадат свежина на Подравка. Се чини дека токму изминатата сезона беше една од најлошите за Подравка, со неизвесност за клубот и иднината на ракометарките. Времето за лечење на рани и тагување помина. Подравка следната сезона продолжува уште помоќно, со скромни финансии, но со одлични ракометарки. Ракометарките на Подравка ќе имаат помала плата од предходната година, но тоа нема да ги спречи и понатаму да настапуваат за клубот од Копривница, клуб кој беше единствениот тим во Европа кој настапил во сите сезони на Лигата на шампионите.

Раководството на Подравка одлучи до ЕХФ да испрати барање за вајлд карта за Лига на шампионите како второпласирана екипа од Хрватска. Подравка од Копривница има најмногу настапи во Лига на шампионите, а оваа сезона доживеа тотално фијаско само со една единствена победа над Бера Бера и една победа во двомечот со Ростов Дон во КПК. Екипата одлучи да учествува и во новата женска регионална лига.
Македонскиот шампион ЖРК Вардар СЦБТ покрена своја иницијатива за формирање на нова регионална лига која ќе го подобри квлитетот, сериозноста и пристапот на клубовите. Во новата женска регионална лига се очекува да бидат екипите на: Баја Маре и Брасов од Романија,  ЖРК Вардар СЦБТ и ЖРК Металург од Македонија, Будуќност од Црна Гора, Подравка и Локомотива Загреб од Хрватска,  Крим Меркатор и Ген Загорје од Словенија и славниот Хипо од Австрија. Лигата ќе биде спонзорирана од три главни спонзори од Македонија. Трошоците за патување, судии, делегати ќе биде покриени од спонзорите на лигата. Доколку Подравка не добие вајлд карта за Лига на шампионите продолжува во КПК.