Се случи чудо: Веспрем конечно победи!

По двата врзани и изненадувачки порази од Кристијанштад и од Рајн Некар Левен на домашен терен, ракометарите на Веспрем, конечно прославија победа во Лигата на шампионите. Избраниците на Давид Дејвис му се реваншираа на шведскиот првак за поразот пред една седмица и триумфираа со 36-27.

Победникот беше решен уште по првиот дел, бидејќи домашните конечно покажаа игра каква што се очекува од нив уште од стартот на сезоната. На пауза Веспрем обезбеди залиха од шест погодоци, 20-14.

Во второто полувреме предноста беше само одржана, на моменти домашните ракометари имаа водство и +10. До крајот шведскиот тим успеа во неколку наврат да намали на пристојна негатива, но мечот заврши со убедлив триумф на Веспрем со 36-27.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кент Робин Тонесен со осум голови и Петар Ненадиќ со пет, додека Дејан Манасков даде три од три обиди. Кај шведскиот тим се истакна Кринц со осум погодоци.