Се подготвува спектакл: Најдоброто од македонскиот ракомет во Куманово од 9 до 11 мај!

По повод 90-годишнината од формирањето на ЖРК Куманово, како и 500-годишнината од основањето на град Куманово, Ракометната федерација му ја додели организацијата на овој град на завршните турнири во Купот во женска и машка конкуренција.

По сличен урнек, беше организиран и Ф4 во СЕХА, која му го додели домаќинството на градот Брест, кој славеше 1000 години постоење.

РФМ заедно со ЖРК Куманово и со поддршка од Општината ќе биде организатор на шест натпревари во три дена.

Во женска конкуренција за трофејот во Купот ќе се борат домаќинот Куманово, потоа Металург, ланскиот освојувач Вардар, како и тимот на Стружанка, кој е изненадување во Женската лига.

Во машка конкуренција тука се бранителот на трофејот, Вардар, ланскиот финалист Металург, битолски Еурофарм Работник, како и изненадувањето Бутел.

Ждрепката за полуфиналните парови ќе се одржи на 6 мај во просториите на Ракометната федерација, а шесте натпревари ќе бидат одиграни од 9 до 11 мај.