Се подготвува нов „пакет“ од Скопје за Битола: Велковски и Маџовски интересни за Еурофарм Работник!

Тимот на Еурофарм Работник чекори сигурно кон нови клупски успеси, а од наредната сезона битолчани ќе создаваат екипа за европски дострели. Битолчани веќе започнаа со формирањето на тимот, а на почеток остануваат верни на својата стратегија за развој на македонскиот ракомет. Затоа македонските ракометари се првите имиња кои се појавија низ ракометните кулоари како нови ракометни желби на битолскиот суперлигаш.

Првото засилување стигна од Металург, а станува збор за левиот бек Марио Танкоски. Но битолчани сериозно се заинтересирани за уште две имиња од сегашниот состав од Автокоманда. Тоа се десниот бек Мартин Велковски и левото крило Бојан Маџовски.

Маџовски потекнува од Металург, ги мина сите категории во овој тим, пред да замине пред три години во Пелистер. Таму се задржа две сезони, а минатото лето се врати во Автокоманда. Левото крило ги мина сите репрезентативни селекции, а во моментов настапува и за сениорската.

Велковски исто така е производ на Металург. И тој како и Маџовски, беше дел од сите репрезентативни селекции, а настапи на ЕП во Хрватска минатата година како дел од сениорската репрезентација. За него се споменуваше интересот од словачкиот Татран Прешов, сепак ракометните патишта засега го водат кон Битола и Еурофарм Работник.

Покрај Танкоски, Маџовски и Велковски, во Еурофарм Работник наскоро се очекува да бидат потврдени уште неколку засилувања за следната сезона, со кои тимот предводен од Стевче Алушовски ќе биде комплетиран за нови дострели.