Се испотепаа да го „украдат“ од Металург, а сега не му го продолжија договорот!

Српскиот репрезентативец Немања Обрадовиќ, чија кариера тргна во надолна линија по трансферот во Висла Плоцк од Металург, ќе си замине од полскиот вицепрвак по две сезони. Европската ракометна федерација пред година и пол, го регистрираше Обрадовиќ за настап за екипата од Плоцк и тој играше за полскиот тим во Лигата на шампионите.

Металург тогаш доби известување, без вистинско објаснување за ваквата одлука, односно за раскинот на договорот. Македонскиот клуб имаше валиден договор со Обрадовиќ, а тој сакаше да замине за Полска. Клубовите не можеа да се договорат, бидејќи Висла даваше 10.000,  а Металург бараше 50.000 евра отштета. Случајот заврши пред ЕХФ, каде првично беше потврдено дека играчот има договор и клубовите треба меѓусебе да се договорат.

Сагата со Обрадовиќ траеше повеќе месеци, а Металург имаше валиден договор и сертификат издаден од ЕХФ за периодот во кој Обрадовиќ треба да игра за македонскиот клуб, и тој беше со важност до јуни 2018 година. ЕХФ тврдеше дека Металург не докажал дека Обрадовиќ не ги исполнил своите обврски кон клубот и затоа му раскина договорот. Сепак, Србинот кој експлодираше во дресот на македонскиот тим и си ја набилда цената, не се снајде и не се наигра во Висла Плоцк, па Полјаците не му понудија продолжување на соработката.