Се е исто, само Вардар го нема!

Денеска и утре во Будимпешта ќе се одржи завршниот турнир во Лигата на шампионите во  женска конкуренција. Последните пет години навикнавме на овој собир да го гледаме и ЖРК Вардар, но откако „црвено-црниот“ проект заврши, Ф4 без македонскиот тим не е тоа што беше.

Помина скоро година дена откако Андреа Човиќ го промаши зицерот во продолженијата од финалниот натпревар, односно Ева Киш одбрани. Уште неколку дена потоа беше актуелен ЖРК Вардар, а потоа…

Унгарскиот Ѓер, кој во два наврати го победуваше Вардар во финалето и ја остави Македонија без трета европска титула, односно втора кај жените и оваа година е прв фаворит за титулата, со оглед на тоа што нема преголема конкуренција.

Ривал во полуфиналето ќе му биде норвешкиот шампион Вајперс Кристијансанд, кој првпат учествува на завршен турнир. Дебитант е и францускиот Мец, кој ќе се обиде да го спречи рускиот Ростов Дон до место во финалето.

На можеби најслабиот Ф4 досега, без екипи од типот на Будуќност, Вардар и ЧСМ Букурешт, ракометарките на Ѓер – Анита Гербиц и Едуарда Аморим имаат шанса да влезат во историјата како први што освоиле пет титули со иста екипа, доколку слават денеска и утре.

Кај тренерите до пет титули, може да стигне стратегот на Ростов Дон, Амброс Мартин, кој претходно има четири одличја со Ѓер. Полуфиналните двобои се на програмата од 15:15 и 18:00 во „Ласло Пап Арена“, додека во истите термини утре се натпреварот за третото место и финалето.