„Се гледаме на некоја журка луѓе – доста беше ракомет“

Атипичното лево крило Марко Чурувија објави крај на богатата кариера. Некогашниот член на Вардар и на Металург, како и некогашен репрезентативец на нашиот северен сосед со кој има освоено младинско европско злато, реши да се прости од активното играње ракомет.

Најдобрите денови ги мина во шпанскиот Теукро, каде стана и најдобар стрелец во Асобал лигата. Последната фаза од кариерата ја мина во Унгарија, во дресот на Балмазујварош.

„Дојде моментот да се каже збогум на професионалното играње ракомет. Би сакал да се заблагодарам на сите свои соиграчи, претседатели и тренери кои ме тренираа. Се гледаме на некоја журка луѓе, доста беше ракомет“, напиша Чурувија на Фејсбук.

Тој ја почна кариерата во Црвена Ѕвезда, а освен за Теукро во Шпанија играше и за Адемар Леон и Ла Риоха. Го носеше дресот и на Ловќен, со успех настапуваше и за Вардар и Металург во Лигата на шампионите, како и за ПИК Сегед.