Се бара замена за Алтхаус: Ѓер ја враќа легендарната Локе?

Унгарските и скандинавските медиуми веќе наголемо пишуваат дека легендарната репрезентативка на Норвешка, Хајди Локе, ќе се врати во тимот на Ѓер, каде ги доживеа најсветлите моменти од кариерата. Таа би требало да биде замената за тешко повредената Ања Алтхаус која сигурно нема да игра до пролет, а може да ја пропушти и цела сезона поради повредата на лигаментите.

Локе по породувањето веднаш се врати во тренажен процес и во моментов е член на екипата на Сторхамар, со која потпиша договор откако се врати во Норвешка. Таа ќе игра и за националниот тим на СП во Германија, па веројатно за евентуалниот камбек, ќе се знае пред стартот на Мундијалот. Ѓер на пикерската позиција ја има и холандската репрезентативка Ивет Брох, која не игра на ланското ниво, па неопходно им е засилување во пресрет на главната рунда од ЛШ.