СЕХА: Младиот Металург се уште недораснат за европскиот шампион

Во Скопје се одигра првиот дуел оваа сезона во СЕХА лигата, македонскиот шампион Вардар ја обезбеди премиерната победа на гостувањето кај Металург во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Неизвесноста траеше седум минути, по кои Вардар со низа од 5 голови ја презема иницијативата и дојде до рутинирана победа од 23-32 (11-16).

Кузмановски го отвори резултатот, но Дибиров веднаш возврати, во следните пет минути двете екипи ги користеа своите шанси, затоа во седмата минута резултатот беше израмнет на 3-3. Но со голот на Борозан во осмата минута, Вардар ја започна својата доминација. По три постигнати голови, Лино Червар побара минута пауза, а во продолжение Металург започна со играта „седум на шест“, која само одеше во корист на „црвено-црните“. Затоа во 17. минута Карачиќ на празен гол ги постави највисоките 4-10. До крајот на првиот дел Вардар ја контролираше играта и не дозволи Метлаург да ја намали разликата под 4 голови.  Во финишот на полувремето Вардар имаше предност од шест голови, за конечни 11-16 по првите триесет минути игра.

Гуглета со гол го отвори второто полувреме, а по низа неискористени напади на двете страни Илиќ од контра-напад го намали резултатот на само три голови негатива (13-16). Но Металург не успеа да го искорсти моментот и дозволи со три погодока во низа Вардар да се врати на висока разлика од 13-19. Последниот обид да се врати на овој натпревар, Металург го имаше во срединната на второто полувреме. Во 45та минута Дрогришки постигна гол за 18-21, но во одбрана со ненамаерен старт врз Карачиќ заработи директен црвен картон и го заврши првиот настап за Металург оваа сезона. Затоа Македа, Абутовиќ и голманот Милиќ го вратија Вардар на 18-24 во 49. минута, а Македа минута подоцна го донесе највисокото водство за „црвено-црните“ од 18-25. Во последните десет минути од натпреварот кога веќе беше решен победникот, Лино Червар, шанса им даде на помладите ракометари, така во листатата на стрелци се запишаа Палевски, Танковски и Серафимов. Во ритунирана завршица Вардар полека го одведе натпреварот кон посакуваниот крај, за конечни и највисоки 23-32.

За Вардар на овој дуел не настапија Циндриќ, Недановски и Мораеш, додека кај Металург не настапија Лапајне и Стојановиќ кој поради повреда ќе пропушти поголем дел од сезоната. Најпрецизен на теренот беше Дибиров со 5 погодоци, го следеа Борозан и Македа со четири голови. Кај Металург, Жарко Пешевски постигна 5 голови. Во вторник Вардар, пред домашната публика во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одигра дуелот од второто коло против Горење Велење со почеток од 17:30 минути, додека во среда Металург гостува во Србија кај Динамо Панчево, дуелот е закажан за 20:45 минути.