СЕХА лига: Вардар е во полуфиналето!

Со крајот на регуларниот дел од СЕХА лигата ракометарите на Вардар се поблиску до полуфиналниот дуел од Фајнл Фор турнирот. Денешното гостување во Словачка кај Татран Прешов беше проверка на силите и осигурување на втората позиција на табелата. Вардарци успешно го положија тешкиот испит против словачкиот шампион, кој непосредно пред овој дуел остана без најдобриот поединец, Кристопанс.
Татран Прешов 29-34 Вардар (12-12)
Ракометарите на Татран фуриозно го започнаа првото полувреме, за само осум минути игра имаа предност од 6-0. “Црвено-црните” ги консолидираа своите редови, а на првото израмнување се чекаше до 24-та минута. Точка на првите триесет минути стави Немања Прибак со својот прв погодок за 12-12.
Марковиќ го постигна првиот гол во второто полувреме што значеше и прво водство за екипата на Вардар на натпреварот. Вардар постепено го градеше своето водство, најпрво Стоилов, Горбок и Шишкарев ги создадоа првите три голови предност во 36-та минута, а веќе во 40-та Марковиќ беше најзаслужен за петте погодоци разлика 15-20.
“Црвено-црните” најголемата предност од шест погодоци ја имаа во 47-та минута со вториот гол на Карачиќ за 20-26. До крај на натпреварот со рутинирана игра Вардар славеше со пет погодоци 29-34 за заверка на пласманот меѓу најдобрите четири екипи во СЕХА лигата.
Најпрецизни во тимот на Вардар беа Добривое Марковиќ со осум погодоци, а Стојанче Стоилов и Сергеј Горбок постигнаа по шест. На спротивната страна Крок постигна седум.