СЕХА:Мешков му се реваншира на Вардар за поразот во минатогодишното финале

Екипата на Мешков Брест успеа да му се реваншира на Вардар за поразот во минатогодишното финале во Сеха лигата, и го совлада со високи 30-22 (13-9). Слабата игра во двата правци, пред се во одбраната, како и тактизирањето за престојниот натпревар против Веспрем во ЛШ кој на програмата е на 15.11 беа едни од главните причини за поразот на вардарци.По почетното водство на вардарци од 3-4 во 8 минута, домаќините ја превземаа иницијативата и со серија од 4-0 поведоа со 7-4 во 11 минута. “Црвено-црните” одиграа слабо прво полувреме посебно во офанзивата а на голот на Брест одличен беше голманот Пешиќ кој запре доста удари на противникот. Во 19 минута со третиот гол на расположениот Божовиќ, екипата на Мешков дојде до највисоките +5 (11-6) во првото полувреме. До крајот на првиот дел домаќините ја одржуваа предноста помеѓу 4 и 5 голови разлика, а Божовиќ со својот четврти гол ги постави конечните 13-9 по првите 30 минути.

Домаќините продолжија во исто темпо и во вториот дел, а во 41 минута со голот на Бабичев стигнаа до највисоките +6 (19-13). Но, вардарци не се предадоа и успееа да се вратат во игра најпрво намалувајки на 21-19, и 22-20 со голот на Терзиќ во 51 минута. Но тоа беше се што успееа “црвено-црните” да направат на овој натпревар. До крајот на теренот постоеше само екипата на Мешков, која во 57-та минута со шестиот гол на Стојковиќ поведе со највисоки +7 (28-21), а Разгор и Стојковиќ ги поставија највисоките +9 во последната минута. Со својот петти гол на натпреварот Терзиќ ги постави конечните 30:22.

Најефикасен ракометар во екипата на Мешков беше пикерот Стојковиќ со 7 постигнати гола, а Божовиќ и Шпилер постигнаа по 6. Терзиќ со 5 и Лацковиќ со 3 гола ја предводеа листата на стрелци кај “црвено-црните”.