Сефте за прилепчанки: Деспина триумфално со Гевгелија

Ракометарките на Деспина Прилеп ја забележаа првата сезонска победа, откако славеа на гостувањето во салата „26 Април“ кај Гевгелија со 18:20 во интересен натпревар полн со пресврти и возбудувања.

Гостинките во првиот дел беа поактивни и водеа најчесто со два до три голови разлика, но сепак упорните Митревска и Митрова ја донесоа Гевгелија на нула, па на пауза се замина со 8:8. По нерешените 9:9, домаќинките поведоа со 11:9.

Имаа избраничките на Татјана Бојкова и предност од плус 3, 16:13, но следуваше голем пад во играта. Гостинките го искористија тоа и со серија од 5 голови, поведоа со 16:18. По 18:19, младата Ангела Камческа го постигна победничкиот гол за 18:20 и прва победа на Деспина.

Во гостинскиот тим се истакнаа Диана Димова со 8 голови, од кои 5 од пенал, 4 даде Емилија Јовеска, додека Ангела Камческа беше стрелец на 3. Во домашниот состав стандардно доминираа Драгица Митрова со 8 и Михаела Митревска со 5 голови.