Сефте за Куманово во плеј-аут, славеше против Риниа

После три последователни порази екипата на Куманово конечно ги запиша првите бодови. Во четвртото коло од плеј-аут во Првата лига беа подобри со составот на Риниа, 31:27.

Куманово постојано имаше контрола на резултатот, од почетното водство па се до крајот на натрпреварот. Домашните беа водени од Давид Цветковски кој беше најрасположен за игра. Гостите никако не успеваа да се доближат резултатски и на полувреме имаа негатива од шест гола, 16:10.

Во продолжението Куманово лесно успеа да ја одржи предноста и да стигне до прва победа во плеј-аут разигрувањето. Гостите допатуваа со кратка клупа и без ракометари за ротација не можеа да дојдат до позитивен резултат.

Најефикасен кај Куманово беше Цветковски со десет постигнати гола, а Денковски постигна седум. Во составот на Риниа најзабележителен беше Митревски со осум погодоци.

Шанса за нови бодови во следното коло Куманово ќе има на гостувањето кај Текстилец, а Риниа ќе има тешка задача против Младост Богданци на свој терен.