Сериозен испит пред Металург за ново учество во Лигата на шампионите

Денес беше последен рок за пријавување на екипи за Европските ракометни натпреварувања. Триесет и седум екипи од дваесет и три земји ќе се борат за место во Лигата на шампионите 2016/17. Вечерва со официјално соопштение Европската ракометна федерација го објави конечниот список на тимови кои се пријавиле пред истекот на крајниот рок за регистрација.

Конечната листа на сите учесници се уште мора да го помине и последниот филтер на состанокот на Извршниот комитет на ЕХФ во петокот 24 јуни во Виена, каде треба да ја добие официјалната потврда. Врз основа на ЕХФ ранг листата, дваесет и пет тимови (дваесет и три национални шампиони и вицешампионите на Шпанија и Германија) ја предале својата регистрација. Но, четири национални шампиони не доставиле своја кандидатура, а меѓу нив се српскиот првак Војводина, грчкиот Фелипос Вериас, чешки Талент Плзен и австрискиот Фиверс Маргаретен Ват.

Ракометните федерации на дванаесет клубови ќе им овозможат преку т.н. вајлд карта да преминат од ЕХФ Купот во Лигата на шампионите и тоа дури три од Франција како и по еден тим-кандидат од Австрија, Белорусија, Данска, Македонија, Германија, Унгарија, Полска, Норвешка и Шведска.

Ждрепката за квалификациските турнири ќе се одржи во среда 29 јуни (13:00 часот) во Виена, додека извлекувањето на групната фаза ќе биде се одржи во Данска, во седиштето на новиот ЕХФ спонзор „Селект“ кој воедно ќе ја претстави и новата топка за Лигата на шампионите, настанот е закажан за петок 1 јули со почеток од 13:00 часот.

Во новата сезона на Лигата на шампионите 2016/17, натпреварите ќе се одвиваат на идентичен начин како и изминатава сезона, со 28 екипи во групната фаза поделени во четири групи, групи на фаворити и групи на квалификанти. Во групата А и Б ќе има осум тима, а секоја од групите Ц и Д само шест екипи.

Екипи кои обезбедиле место според ЕХФ пласман (25):
Ахил Бохолт (Белгија)
Мешков Брест (Белорусија)
РК ППД Загреб (Хрватска)
Бјерингбро-Силкеборг (Данска)
Барселона Ласа (Шпанија)
Натурхаус Ла Риоха (Шпанија *вицепрвак*)
Кокс (Финска)
Париз Сен Жермен хандбол (Франција)
Рајн-Некар Ловен (Германија)
СГ-Фленсбург Хандевит (Германија *вицепрвак*)
Телеком Веспрем (Унгарија)
Кастро Макаби Тел Авив (Израел)
Ред бојс Диферданге (Луксембург)
РК Вардар (Македонија)
Елверум ракомет (Норвешка)
КС Виве Таурон Киелце (Полска)
ABC / Уминхо Брага (Португалија)
Динамо Букурешт (Романија)
Чеховски Медведи (Русија)
РК Целје Пивоварна Лашко (Словенија)
Кадетен Шафхаузен (Швајцарија)
Татран Прешов (Словачка)
ИФК Кристијанштад (Шведска)
Бешикташ Могаз ХT (Турција)
РК “Мотор” Запорожје (Украина)

Екипи за кои се поднесени дополнителни барања места (12):
Брегенц (Австрија)
СКА Минск (Белорусија)
Тим Твис Холстебро (Данска)
Сент-Рафаел Вар  (Франција)
ХБЦ Нант (Франција)
Монпелје (Франција)
Кил (Германија)
МОЛ Пик Сегед (Унгарија)
Металург (Македонија)
Орлен Висла Плок (Полска)
ОИФ Арендал (Норвешка)
РК Горење Велење (Словенија)

Поради малиот број на слободни дополнителни места ќе се организираат квалификациски турнири кои ќе ги дадат последите три екипи со право за настап во Лигата на шампионите. Точниот формат за избор на трите екипи кои со вајд карта ќе настапат во новата сезона на елитното натпреварување, ЕХФ треба да го потврди во наредните денови, најверојатно ќе се одржат три турнири чии домаќините ќе бидат познати на 24 јуни, а само победникот ќе има билет за Лигата на шампионите 2016/2017.

Пред Металруг е тешка задача да ја продолжи низата настапи во елитниот шампионат ако се има во предвид квалитетот на екипите кои ќе им бидат директни конкуренти, а меѓу нив се Кил, Монпелје, Нант, Висла Плоцк, Пик Сегед и словенечкиот вицепрвак Горење.