Сердарушиќ: Не е тајна, сакам да бидам селектор на Хрватска

Eдно од најголемите тренерски имиња во ракометот, Ѕвонимир Нока Сердарушиќ е еден од главните кандидати за преземање на функцијата селектор на Хрватската ракометна репрезентација. Сердарушиќ вели дека доколку се договори со хрватскиот ракометен сојуз подготвен е веднаш да седне на клупата на популарните “каубои”, иако во овој момент е тренер на француски Аикс.

За најновите шпекулации дека тој е најсериозен кандидат за селектор на Хрватска, и дали е заинтересиран за таа функција Сердарушиќ вели:

Да заинтересиран сум. Го имам тоа изјавено и порано,не е никаква тајна. Би сакал да бидам хрватски селектор.

Во минатото Сердарушиќ имал прилика да седне на хрватската клупа но тогаш работата пропаднала. Сега вели дека ситуацијата е поинаква:

Тогаш беше поинаква ситуацијата. Бев тренер во Германија,можев да работам само во клубот и немаше никаква можност да се реализира таа соработка. Сега е поинаку, Аикс е мал клуб кој е во процес на формирање за настап во француската лига. Но кога дојдов тука уште на самиот почеток напоменав дека “доколку се укаже прилика да бидам селектор сакам тоа да се има во предвид”. Доколку се договориме јас ќе бидам слободен.