Серафимов: Оставивме срце на терен, но не треба да скокаме, мораме смирено до крај

Капитенот на кадетската репрезентација на Македонија, Мартин Серафимов беше прогласен за најдобар ракометар на средбата против Бахреин, а беше стрелец на десет гола. Тој после средбата беше задоволен од направеното така што можеше да честита.

„Го оставивме срцето на теренот. Не се откажавме во ниту еден момент и одигравме максимално до крај. Се решаваше со чисти ситуации. Имавме голема поддршка од голманите и можам само да им честитам на колегите и на стручниот штаб за сработеното денеска“, рече Серафимов.

Иако се освоени два бода, сепак, уште ништо не е решено. Мора да се одигра уште подобро на следните две средби за да се оди до крај според посакуваното.

„Не треба да скокаме. Мораме чекор по чекор. Ни следуваат Данска и Јапонија. Се надеваме на најдобро и се надеваме на пласман во осминафиналето. Сега притисокот е намален. Имавме и многу лош стар на првенството. Можеби ни требаше Нигерија. Имавме победа со мала разлика, но тоа како да не крена многу повеќе“.

Утре е слободен ден за Македонија, а в недела следува пресметка со Данска.

„Ракометот се игра во Европа и против Данска очекувам далеку поголем отпор. Никого не го потценуваме ниту го преценуваме. Данска игра повеќе со табели и цртање на терен. Ние играме со срце и тоа никој не може да ни го одземе. Играме така од прв до последен“, изјави Серафимов.