Нов подвиг на скопскиот клуб: Пролет го совлада досега непоразениот Охрид!

Ракометарите на Пролет покажаа дека не се шегуваат во обидот оваа сезона да стигнат до плеј-оф фазата во Суперлигата. По победата над Работник во минатото коло, Пролет славеше и на жешкиот терен во Охрид со 19:21, каде што ниту една екипа не победила оваа сезона.

Домашниот тим поведе со 1:0 преку Јовица Младеновски, а крилата Ролевски и Трајковски му донесоа 1:3 на Пролет. Охрид израмни на 3:3, пред да започне играта гол за гол со дури 7 израмнувања до 9:9. Повторно гостите направија чекор напред помогнати од голманот Кимевски и стигнаа до 10:13, а потоа „гладијаторите“ погодија уште еднаш и на пауза се замина со 11:13.

Во вториот дел Пролет искусно го чуваше водството од 2 до 3 голови разлика некаде до 50 минута, кога Охрид од пенал преку Димитријески намали на 17:18, а потоа истиот играч израмни на 18:18. Цела домашна публика очекуваше нивните миленици да нагазат во овој момент, но тоа не се случи.

Низа техничка грешки, избрзани удари, исклучувања поради влегување на претходно исклучен играч порано на терен… сето ова домашните ги чинеше скапо. Александар Василевски и на два пати Ласко Андоновски стрелаа во голот на Трајкоски за 18:21, а Адамовиќ само успеа до крајот да ублажи за конечни 19:21.

Во првиот сезонски пораз за Охрид, Младеновски, Тасески, Адамовиќ и Димитријески погодија по 3 пати, додека кај Пролет, покрај голманот Кимевски кој го заврши натпреварот со 15 интервенции, се истакнаа десното крило Ролевски со 8 голови, а Џонов и Андоновски дадоа по 3.