Селекторот ги смени тренерите поради меѓусебна кавга

На предлог на селекторот на машката сениорска репрезентација, Данило Брестовац денеска од тренерската функција во пионерската репрезентација се разрешени Андријана Будимир и Дарко Петровски и тоа после само една акција која ја имаа на турнирот во Унгарија. Членовите на Управниот одбор на РФМ изгласаа нов двоец за оваа функција така што во следните акции ќе има нови тренери.

Иако причината за смената на Будимир и Петровски не беше официјално соопштена на Управниот одбор, но според информациите до кои доаѓа 24 Ракомет причината лежи во вербален дуел на тренерите на висок тон, кој се случил пред младите ракометарите, кои биле сведоци на немилиот настан, после натпревар на турнирот во Унгарија. На овој турнир репрезентацијата на Македонија имаше многу лоши резултати при што забележа високи порази.

Во РФМ дознале за сите случувањата и поради оваа кавга им се налутиле на тренерите и веднаш после враќањето од турнирот биле повикани на разговор, па со смената практично ги казнува после само еден турнир на кој ја водеа репрезентацијата која е во формирање.

Затоа денеска се пристапи само кон поставување на нови тренери. Во генерацијата 2002/2003 нов селектор ќе биде Никола Матлиески, а заедно со него во репрезентацијата ќе работи Благојче Весиќ. Тие ќе имаат можност следната година да ја водат репрезентацијата на Б-шампионатот кој ќе се игра во Скопје во текот на летото.