Сегреј Горбок го одбра Пик Сегед

Еден од најдобрите ракометари во „црвено-црните“ редови, Сергеј Горбок ќе го напушти македонскиот шампион на крајот на оваа сезона. Белорусинот кој настапува за руската репрезентација од следната сезона највројатно ќе се пресели во Унгарија каде ќе настапува за унгарскиот вицепрвак Пик Сегед.

Екипата предводена од Хуан Карлос Пастор од наредната година ги зголемува своите амбиции, а покрај борбата за титулата во Унгарија, ќе се обидат за прв пат да се пласираат на Фајнл Фор турнирот во Келн. Во ракометните кругови веќе започна да се лицитира со ракометари кои треба да ги засилат Унгарците за следната сезона, а како најзвучно име е голманот на Барселона, Даниел Шариќ.

Сергеј Горбок ќе биде првото засилување за екипата, која на левата бековска позиција го има Ференц Илјеш, Робледо, Блажевиќ и бразилскиот интернационалец Дос Сантос.

Во својата богата кариера, 33-годишниот бек покрај Вардар настапувал за Рајн Некар Ловен, Чековски Медведи, Целје, Запорожје и Аркатрон Минск. Во досегашниот тек на сезона за Вардар постигна вкупно 36 голови во Лигата на шампиони.

За Пик Сегед настапуваат шведскиот интернационалец Јонас Калман, голманот Хозе Мануел Сиера и еден од најквалитетните централни бекови Словенецот Деан Бомбач.