Сегед испушти чиста победа: „Лавовите“ од Манхајм со бод се враќаат во Германија

Во рамките на првото коло од Лигата на шампионите, германскиот првак Рајн Некар Ловен гостуваше на жешкиот терен во Сегед. Иако домаќините ја имаа во свои раце победата, брзоплетоста и деконцетрацијата им овозможија бод на гостинските ракометари.

Домаќините го отворија дуелот со резултат 3-1, но германците веднаш возвратија и го превземаа водството. Во 15-та минута Сугурдсон ги постави највисоките 5-9 за гостинскиот тим и се чинеше дека „лавовите“ од Манхајм ја имаа контролата врз играта, но во финишот на првиот дел домаќините носени на крилата на одличната публика го израмнија резултатот на 10-10, а потоа со голот на Бодо го превземаа водството. Токму минималната разлика се задржа до паузата за конечни 13-12.

Вториот дел понуди нови возбудувања. Играта гол за гол без право на грешка беше причина за честа промена на водството. Секоја одбрана, техничка грешка и промашување имаше своја последица. Резултатската нишалка ги одведе двете екипи кон трилер завршница. До последните пет минути двете екипи постигнаа по 25 погодоци, а по тајм-аутот на Пастор во игра за Сегед влезе Сандро Обрановиќ. Токму Хрватот во два напади по ред беше поуспешен од Паличка, а на спротивната страна голманот Шего го прочита зицерот на Сигурдсон и ги одведе домаќините на 27-25 на три минути пред крај. Пик Сегед имаше предност од еден гол и напад во последните 30 секунди од дуелот, но бргу ја прокоцкаа можноста за триумф по што следуваше брза транзиција и реализација од Егдал Де Риц за конечни 28-28.

Андре Шмит со седум голови беше најпрецизни кај гостинската екипа, додека Грецки и Сигурдсон постигнаа по пет погодоци. Во составот на Рајн Некар беше и Дејан Манасков кој не доби можност да ги покаже своите вештини на овој дуел. Кај домаќините Калман и Горбок постигнаа по пет погодоци, а ги следеа Бунтиќ, Балог, Шостариќ и Скубе со по три прецизни удари.