Сегед го најде рецептот за германските екипи: Два гола надеж за победа над Кил!

Последниот четвртфинален дуел за овој викенд се одигра во Сегед. Унгарскиот вице-шампион беше домаќин на најквалитетната екипа од германското првенство. Ѕвездениот ростер на Кил се покажа како недоволен за да го надмине мотивираниот состав на Хуан Пастор. Моменталните блесоци на најдобрите ракометари во светот не беа доволни за превземање на контролата врз натпреварот.
Тренерот на германскиот шампион Гисласон го започна мечот со Дувњак, Јиха и Вујин на бековските позиции, комбинација која не се покажа како продуктивна во почетните моменти од натпреварот. По осум минути игра домаќините благодарение на расположениот Робледо имаа предност од 5-2. На одбраната на “зебрите” и недостасуваше препознатливата агресивност, што го користеа Бомбач и Робледо за лесни погодоци во голот на Соне. Шпанскиот репрезентативен голман во редовите на Пик Сегед, се вклопи во испиративниот мозаик на домашниот тим. Во 9-та минута Сиера одбрани 100% шанса на десниот бек на Кил, Марко Вујин, и му овозможи на Продановиќ да постигне погодок за четири голови предност, 7-3. Во 16-та минута Балог Золт со својот прв гол ја донесе највисоката предност за Сегед на натпреварот 12-7, тоа беше знак за опасност на клупата на Кил. Гисласон во игра за прв пат ги внесе Палмарсон и Канељас, ракометарите кои ја вратија препознатливата игра на германскиот шампион. Разликата до крај на првите триесет минути се преполови, а двата тима на пауза заминаа со резутат 17-15.
Повторно Сиера овозможи зголемување на предноста на почетокот на второто полувреме, овојпат Балог Золт беше ракометарот кој создаде нови три голови предност 18-15. Како одминуваше времето се чувствуваше заморот кај ракометарите на Сегед, на спротивната страна Вајнхолд преку брзи напади го одржуваше чекорот со домаќините. Во 51-та минута џокерот на Гисласон, шведскиот ветеран Лундстром за прв пат во второто полувреме го изедначи резултатот на 26-26. Младиот голман на Кил, беше ракометарот кој ја замолкна арената во Сегед. Во брза транзиција по одличната интервенција на Соне, Канељас го пронајде Шпренгер на линијата од 6метри кој беше прецизен за прво водство на германскиот шампион на овој натпревар, 28-27.
Последните пет минути им припаднаа на голманите на двете екипи Вишемирски и Соне. По резултатската нишалка, Робледо во 57-та минута повторно го врати водството кај домаќините, а Калман од контра напад ја потврди предноста на Пик Сегед за 30-28. “Зебрите” не се предадоа преку Јиха повторно се доближија на еден гол негатива, а Дувњак имаше шанса повторно да го израмни резултатот, но Вишемирски беше на вистинското место. На спротивната страна одличниот словенечки централен бек, Бомбач стави печат на натпреварот за конечни 31-29.

Одиме во Кил по победа. Знаеме дека тие се фаворити, но ние сме силни и знаеме како да одиграме. Посакувам да се претставиме во добро светло таму и се надевам ќе ја испишеме новата историја на клубот.

-по натпреварот изјави најдобриот поединец на теренот Дејан Бомбач.
Најпрецизни во екипата на Пик Сегед беа Бомбач со шест погодоци и Балог Золт со пет, додека во редовите на Кил најрасположен беше Вајнхолд со пет постигнати голови.