Светските прваци се поклонија пред Црногорците: Данските ѕвезди згаснаа во „Морача“!

Светскиот шампион Данска загуби на гостувањето кај Црна Гора со 32-31 во натпревар од третото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Данците без Расмус Лауге не можеа да им парираат на расположените домаќини, особено голманот Небојша Симиќ и бекот Владан Липовина, па на крајот мораа да се помират со поразот.

Во првото полувреме домаќините го диктираа темпото предводени од голманот Небојша Симиќ и имаа во два наврати плус три. Сепак светскиот првак успеа да се врати во игра и израмниа на 10-10, а во финишот на полувремето, односно во последната секунда стигна и до водство, 16-17.

Во вториот дел, по четириесетина минути беше 25-25, кога почна клучната серија на Црна Гора. Три голови по ред за 28-25, имаа домашните шанси и за плус четири, но еднаш Ландин одбрани, еднаш згрешија во нападот, па Дамгард казни за 28-27 на осум минути до крајот.

Сепак светските прваци не беа на претпознатливото ниво во продолжение, Симиќ се испречи пред Дамгард, а Липовина и Радовиќ зголемија на 30-27. Во финишот Данска намали на 32-31, но последниот напад беше за Црна Гора. Иако се сплеткаа домашните, немаше време за светските прваци да се вратат во игра и навивачите во „Морача“ имаа големи причини за радост.