Самсоненко ги смирува играчите: Тренирајте и играјте сезонава сум во Вардар!

Денес во спортскиот центар „Јане Сандански“ се одржа долгоочекуваниот состанок меѓу играчите на европскиот шампион Вардар и сопственикот Сергеј Самсоненко. Средбата не донесе ништо ново кога во прашање е долгорочната иднина на клубот. Претседателот на Вардар пред ракометарите кои ја донесоа европската клупска титула во Скопје, побарал да се фокусираат комплетно на предизвиците кои ги очекуваат и да се посветат максимално на одбрана на титула. Тој истакнал дека сигурно останува на чело на Вардар оваа сезона, а за понатаму се уште не ја донел конечната одлука.

Почетокот на сезоната во Скопје ќе го одбележат и голем број ракометни менаџери кои ја чекаат својата шанса и се надеваат дека ќе профитираат од судбината на Вардар. Веќе се појавија многу шпекулации околу евентуални трансфери на ракометари од Вардар, а најголем интерес предизвикува младиот црногорски репрезентативец Вуко Борозан. На почетокот на овој месец се појавија и информации за интерес на една од најдобрите германски екипи за услугите на Тимур Дибиров, а се чини дека шпекулациите ќе продолжат да се шират до конечната разврска и одлуката на еден од најзначаните ракометни мецени во историјата на Македонија, Сергеј Самсоненко.

Состанокот доаѓа пред настапот на Вардар на неофицијалното светско клупско првенство- Супер Глоуб. Избраниците на Раул Гонзалес утре изутрина заминуваат директно за Доха каде ќе се обидат да го потврдат својот статус во клупскиот ракомет. Во составот се вратија повредените Милиќ и Циндриќ, а Кристопанс полека го фаќа својот ритам по повредата која ја заработи за време на подготвителниот период.